Националниот Сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија е доброволна општествено – хуманитарна организација. Таа има широк општествен карактер. Зачленувајќи ги цивилните инвалиди од војната и со заедничко дејствување, работи за нивно активно вклучување во сите сфери на општествената дејност, унапредување на заштитата, организирање на културно – забави и спортско – рекреативни активности. Во почетокот на самоорганизирањето на активностите главно беа насочени кон разрешување на напластените социјално – економски проблеми и организационото зацврстување на Сојузот. Тој стана чинител и толкувач на прашањата од социјално – хуманитарната сфера. Во 40 годишниот период се создадоа можности да се ангажираат поголем број членови кои го интензивираа општествениот живот во организацијата. Карактерот, целите и задачите на Сојузот јасно се дефинирани во Статутот. Националниот Сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија е организиран врз територијален принцип. На територијата на Република Макеоднија се формирани 15 основни организации и тоа: една градска организација на подрачјето на град Скопје, 4 меѓуопштински и 10 општински организации. Со ваквата организациона поставеност сите цивилни инвалиди од војната активно се вклучени во работата на Сојузот.
Во насока на организационата изградба на Сојузот, Статутот повеќепати е дополнуван и менуван, се’ со цел да се изнајдатнајадекватни форми во спроведувањето и реализирањето на неговите цели и задачи. Со Статутот донесен на Второто Собрание, Здружението на цивилни жртви од војната прерасна во Сојуз на цивилни инвалиди од војната. Исто така редовно сме ги менувале Статутот кога тоа го барале позитивните законски прописи особено Законот за здруженија на граѓани и фондации. Последните измени во Статутот се усвоени на одржаното Собрание на Сојузот во 2011 година кога е усогласен со новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации и Законот за инвалидски организации. Со овие измени, а согласно споменатиот Закон, нашиот Сојуз се стекна со својство на Национална инвалидска организација. Со ова ние имаме посебен статус во републиката и таа превзема обврски да обезбеди пооптимални услови за работа на оваа организација – пред се’ се мисли на обезбедување на трајни сигурни средства за финансирање.