Традиционална средба на НСЦИВМ – Велес 2013

По повод одбележувањето на македонскиот ден на цивилните инвалиди од војната 6-ти април, на 10-ти Април во Велес, во салата „Бели мугри“ се одржа пригодна свеченост на која пред присутните се обратија претставници на Локалната самоуправа и претставници на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.
Свеченоста ја отвори Градоначалникот на Општина Велес, г. Горан Петров, кој ја истакна досегашната огромна поддршка на општината кон здруженијата кои се заложуваат за правата на инвалидите, но и најави дека општината ќе продолжи со таквата пракса.
Пообемна опсервација на досегашната работа на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната, но и презентирање на плановите за иднината, направи г. Душан Нешевски, претседател на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната. Тој истакна дека според официјалните податоци во Македонија има околу 370 цивилни инвалиди од војната со 60 до 80 проценти инвалидност на кои им е овозможено правото на материјална помош од државата која редовно ја добиваат.
– Со завршувањето на војната во Македонија останаа многу трајни инвалиди меѓу кои и
деца и возрасни, а дополнителен проблем беа и експлозивните мини кои ги имаше и се уште ги има на територијата на Македонија. Затоа сакаме да едуцираме, да потсетиме за злото на војната и последиците кои до денес се чувствуваат од неа, потенцираше, претседателот на Националниот сојуз на цивилните инвалиди од војната во Македонија, Душан Нешевски. Националниот сојуз на цивилните инвалиди од војната во Македонија постои веќе 40 години и активно во границите на своите можности и програмски решенија организира едукации запревентива на населението околу екслозивни средства.
На крајот од своето излагање Нешевски апелираше до сите државни надлежни институции да се собере преостанатиот експлозивен материјал кој постои во Македонија за да нема нови жртви.
Во одбележувањето на овој ден, заедно со Здружението на цивилните инвалиди од војната – Велес и Општина Велес, се вклучи и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ со распишување на ликовно-литературен конкурс на тема „Експлозиите ме плашат“ на кој за учество беа поканети сите општински основни училишта. Жири комисијата во состав Игор Крајчев – претседател, Македонка Јанчевска – член и Филип Коруновски – член, примија и разгледаа стотина творби од сите конкуренции и наградија девет творби во три конкуренции – проза, поезија и ликовна уметност. Добитници на првите награди се: Елена Кузева од училиштето „Блаже Конески“, под менторство на проф. Каролина Попова, во категоријата на прозни творби, Александар Самаров од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Бојанка Џипунова Ташова, и во конкуренција на ликовни творби, првото место го освои ученичката Буба Мијакова од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Јасна Мијакова.
За збогатување на свечената атмосфера се погрижи Балетското студиото „Анабела“ со неколку танцови кореографии.
Исто така во соработка со локалната библиотека и Националниот сојуз ќе биде изготвена Збирка на поезија и проза од пристигнатите творби. Жири комисијата во состав Игор Крајчев – писател претседател, Македонка Јанчевска – писател член и Филип Коруновски –ликовен уметник член, ке селектираат одреден број на творби кои ке бидат објавени во збирката.

[Best_Wordpress_Gallery id=”2″ gal_title=”tradicionalna2013″]

Scroll to Top