Делегатите на Националниот сојуз во Европскиот сојуз на цивилни инвалиди од војната учествуваа на Годишното изборно собрание кое се одржа на 11 ти септември во Загреб Р. Хрватска.На собранието присуствуваа сите членки на Европскиот сојуз, а свои излагања имаа сите претседатели на Националните сојузи кои говореа за заштитата на цивилните инвалиди во своите држави. Исто така на Собранието со акламација му беше продолжен мандатот на досегашниот претседател на Европскиот сојуз, Господинот Јоже Зупанц претставник од Националниот сојуз на цивилни инвалиди од Словенија.
Државно екипно првенство во шах 2013
На 30 ноември по повод 3-ти Декември во организација на Националната федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија-Македонски параолимписки комитет се одржа Државно екипно првенство во шах на кое учествуваше и екипата на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија и го освои третото место.
Државно првенство во атлетски повеќебој и шах 2013
Од 02-05.06. во Охрид беа одржани Државните првенства во атлетски повеќебој и шах.
На првенството во атлетика учесниците се натпреваруваа во фрлачки дисциплини и тоа диск, ѓуле и копје. Резултатите беа на нивото на годините на членовите но за поздравување е фактот што и покрај тоа владее голем интерес за атлетиката кај членовите. На шаховскиот турнир беа пријавени осум шахисти, а се играше по викенд правила секој со секого со половина час темпо по играч. Конечната табелата со првопласираните изгледаше:
1.Жарко Селковски 5,5 поени
2.Мусли Пајазити 5 поени
3.Коста Костов 3,5 поени
Првопласираните тројца по одлука на Комисијата за спорт и рекреација се стекнаа со директен пласман за следната 2014 година. Исто така во склоп на Републичките спортски игри на цивилните инвалиди беше организирано и рекреативно пикадо. Исто така во склоп на манифестацијата беше организиран и еднодневен излет до Подградец Р.Албанија.
Едукација 2013
Во текот на целата година се одржуваат предавања од областа на медицината, социјалниот живот, спортот и рекреацијата и други теми кои се од интерес на нашите членови.
Во месец март на 21.03.2013 година во Велес се одржа работилница на тема „Исхраната како појдовна основа за здрав и подолг живот“. Предавач беше примариус д-р Филип Тодоровски, кој покрај содржајното предавање беше отворен и за поставување на прашања од сите сегменти на медицината. работилницата беше успешно организирана од страна на Општинското здружение на цивилни инвалиди од Велес.
Во месец април на 19.04.2013 година во организација на Здружението на цивилни инвалиди од војната на Прилеп се одржа работилница на тема „Хипертензија“ на која покрај предавањето беше извршено и мерење на притисок и контролен преглед на сите присутни членови на предавањето.
Во месец мај на 14.05.2013 година во организација на Меѓуопштинското Здружение на цивилни инвалиди од војната на Штип и Националниот сојуз се одржа работилница на тема „Болка манифестација и лекување на истата“ На работилницата беа присутни и членови на општините Радовиш Струмица и Свети Николе кои се во склоп на меѓуопштинското здружение на Штип.
Во месец јуни на 21.06.2013 година во организација на Меѓуопштинското Здружение на цивилни инвалиди од војната на Битола и Националниот сојуз се одржа работилница на тема „Невролошки проблеми кај стари лица” На работилницата беа присутни и членови на општините Демир Хисар и Ресен кои се во склоп на меѓуопштинското здружение на Битола.
Во месец јули на 12.07.2013 година во организација на Меѓуопштинското Здружение на цивилни инвалиди од војната на Кавадарци и Националниот сојуз се одржа работилница на тема „Офталмолошки проблеми со стареењето” На работилницата беа присутни и членови на општинина Неготино кои се во склоп на Општинското здружение на Кавадарци.Темата побуди голем интерес кај членовите кои после содржајните излагања поставуваа прашања кај стручните лица.
Во септември беа организирани три предавања од здравствената заштита на нашите членови. Доктор Жана Јосковска одржа предавање за „Дијабетес“ како се појавува и како да се спречи истата. Магистер фармаколог Весна Ставрова одржа предавање за „Хиперлипидемија “ појавување и благовремено спречување на истата, и Бранимир Јовановски, одржа предавање за „Физичката вежба во поодминат години“ и како со благо физичко вежбање во поодминати години да се заштитат од истата.
Во месец ноември продолжи континуирано да се реализира оваа активност преку две работилници од областа на здравствената заштита во Општинските здруженија на Куманово и Дебар. Во Дебар работилницата се одржа во соработка со Црвениот крст на Општина Дебар со која нашето здружение има одлична соработка. Секако мора да се истакне дека Националниот сојуз на цивилни инвалиди води голема грижа за своите членови во однос на здравствената заштита преку организирање на вакви работилници.
Упатници за банско-климатско лекување за 100 наши членови 2013
Програмската активност е наменета за заштита на здравјето на цивилните инвалиди од војната и спречување на нови дополнителни болести. Целта е во програмата да се вклучат што повеќе цивилни инвалиди и е од превентивна природа и на тој начин придонесува инвалидот сам да се соочи со грижата и одговорноста за сопственото здравје. Со спроведувањето на овој специјален социјален програм кој НСЦИВМ го спроведува од самиот почеток на своето делување, во суштина претставува продолжување на јавните служби на тој план. За оваа цел НСЦИВМ има изготвено Правилник за користење на ова право каде е предвидено кофинансирање на банско-климатското лекување. Националниот Сојуз, согласно Правилникот, испрати Упатници до општинските здруженија и во со нивна координација, упатниците се поделени на членовите кои го користеа банско-климатското лекување. Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на РМ на своите членови им организираше заеднички престој кој беше искористен за реализација и на други програмски активности.
Оваа програмска активност е реализирана во целост односно банско-климатско лекување користеа 100 наши членови.
Традиционална средба на НСЦИВМ – Велес 2013
По повод одбележувањето на македонскиот ден на цивилните инвалиди од војната 6-ти април, на 10-ти Април во Велес, во салата „Бели мугри“ се одржа пригодна свеченост на која пред присутните се обратија претставници на Локалната самоуправа и претставници на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија.
Свеченоста ја отвори Градоначалникот на Општина Велес, г. Горан Петров, кој ја истакна досегашната огромна поддршка на општината кон здруженијата кои се заложуваат за правата на инвалидите, но и најави дека општината ќе продолжи со таквата пракса.
Пообемна опсервација на досегашната работа на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната, но и презентирање на плановите за иднината, направи г. Душан Нешевски, претседател на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната. Тој истакна дека според официјалните податоци во Македонија има околу 370 цивилни инвалиди од војната со 60 до 80 проценти инвалидност на кои им е овозможено правото на материјална помош од државата која редовно ја добиваат.
– Со завршувањето на војната во Македонија останаа многу трајни инвалиди меѓу кои и
деца и возрасни, а дополнителен проблем беа и експлозивните мини кои ги имаше и се уште ги има на територијата на Македонија. Затоа сакаме да едуцираме, да потсетиме за злото на војната и последиците кои до денес се чувствуваат од неа, потенцираше, претседателот на Националниот сојуз на цивилните инвалиди од војната во Македонија, Душан Нешевски. Националниот сојуз на цивилните инвалиди од војната во Македонија постои веќе 40 години и активно во границите на своите можности и програмски решенија организира едукации запревентива на населението околу екслозивни средства.
На крајот од своето излагање Нешевски апелираше до сите државни надлежни институции да се собере преостанатиот експлозивен материјал кој постои во Македонија за да нема нови жртви.
Во одбележувањето на овој ден, заедно со Здружението на цивилните инвалиди од војната – Велес и Општина Велес, се вклучи и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ со распишување на ликовно-литературен конкурс на тема „Експлозиите ме плашат“ на кој за учество беа поканети сите општински основни училишта. Жири комисијата во состав Игор Крајчев – претседател, Македонка Јанчевска – член и Филип Коруновски – член, примија и разгледаа стотина творби од сите конкуренции и наградија девет творби во три конкуренции – проза, поезија и ликовна уметност. Добитници на првите награди се: Елена Кузева од училиштето „Блаже Конески“, под менторство на проф. Каролина Попова, во категоријата на прозни творби, Александар Самаров од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Бојанка Џипунова Ташова, и во конкуренција на ликовни творби, првото место го освои ученичката Буба Мијакова од училиштето „Васил Главинов“ под менторство на проф. Јасна Мијакова.
За збогатување на свечената атмосфера се погрижи Балетското студиото „Анабела“ со неколку танцови кореографии.
Исто така во соработка со локалната библиотека и Националниот сојуз ќе биде изготвена Збирка на поезија и проза од пристигнатите творби. Жири комисијата во состав Игор Крајчев – писател претседател, Македонка Јанчевска – писател член и Филип Коруновски –ликовен уметник член, ке селектираат одреден број на творби кои ке бидат објавени во збирката.